Ципрас од Њујорк: Грција има цврст став- бараме сложено име за вкупна употреба

23.09.2016 14:29

Во говорот на Генералното собрание на Обединетите Нации тој истакна дека неговата држава вложува напори за наоѓање решение за сложено име со географска одредница за вкупна употреба.

Грција останува на цврстиот став за прашањето за името, повтори грчкиот премиер Алексис Ципрас. Во говорот на Генералното собрание на Обединетите Нации тој истакна дека неговата држава вложува напори за наоѓање решение за сложено име со географска одредница за вкупна употреба.

„Силно поддржуваме заеднички прифатливо решение за име со географска одредница  за севкупна употреба-ерга омнес. Промовиравме и мерки за градење доверба во насока на јакнење на довербата и засилување на прекуграничната соработка“, изјави Ципрас.

Во овој дух минала и средбата на Ципрас со генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. Грчки владини извори тврдат дека Бан Ки Мун од друга страна истакнал дека мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција се особено позитивни.

На состанокот присуствувал и специјалниот посредник за името на ОН, Метју Нимиц, кој што денеска остварува и средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Извори од грчкото Министерство за надворешни работи најавија дека на состанокот не се очекува ништо значајно. Главна причина за тоа, тврдат, е нестабилната политичка состојбата во Македонија и се додека не се добие нова влада, тие не можат да имаат соговорник за да се напредува во ова прашање. Истите извори потсетуваат дека шефот на грчката дипломатија неодамна испратил порака за соработка, но под услов нашата земја да го напушти, како што се наведува, политичкото присвојување на „грчкото минато и обожувањето на антиката“.

 

Марија Котовска- постојан допиниск од Атина за МРТ