ЕУ размислува да воведе такси за влез
Негативен чекор и назадување на слободното движење е намерата на Брисел да воведе парични такси за државјани што не се дел од Унијата, предупреди шефот на македонската дипломатија на средбата со високи преставници во Њујорк. По средбите со грчкиот колега Коѕиас оцени- односите со Грција се подобрени, но решението за спорот е уште далеку...

Такса за влез во Европската унија на граѓани од држави кои не се членки на заедницата, но се опфатени со визна либерализација. Одговорните во Унијата сериозно размислуваат за ваков потфат, а идејата му ја соопштиле и на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на средбите во Њујорк. Претставниците на Европската комисија го известиле дека доколку се донесе оваа одлука, македонските граѓани ќе мораат преку интернет да се најавуваат и да платат за да патуваат во ЕУ.
„Од нивна страна беше упатена порака дека не очекуваат ова да биде заклучено за краток временски период, ги нотираат нашите пораки на загриженост, бидејќи по визната либерализација ова би било сериозен сигнал кој на некој начин би претставувал уназадување на сите оние напори што досега ги имавме за обезбедување на слободно движење на нашите граѓани во Европската унија. Нивните пораки се дека сепак не се работи за нешто што е одлучено, дека е значајно да биде слушнат нашиот глас и ние преземаме конкретни чекори да имаме група на земји членки во Европската унија кои ќе дејствуваат во правец на обесхрабрување на една ваква регулатива“, вели шефот на дипломатијата, Попоски.
За време на престојот во ОН, Попоски се сретнал и со неговиот колега Коѕијас. Уште еднаш констатирале дека мораат да работат на промена на перцепцијата на двете земји за да протече нормална соработка на сите полиња и во регионот да се креира позитивна клима.
Дека релациите меѓу Акопје и Атина се подобруваат заклучи и новиот грчки амбасадор во македонија, Димитрис Јанакакис кој денеска беше на средба во Собранието со спикерот Вељаноски. Тој изрази задоволство што доаѓа на мандат во земјава кога има значајно приближување во односите меѓу двете земји. Смета дека тоа е резултат на мерките за градење на доверба.
Јанакакис во земјава пристигнува по завршениот мандат како грчки амбасадор во Будимпешта. Неговиот претходник во Македонија, Харис Лалакос, замина на амбасадорска функција во Вашингтон.
Катерина Топалова
