Светска банка

Македонија со раст од 2% во 2016-та

27.09.2016 13:36

Економскиот раст на Македонија годинава ќе забави на 2 процента од БДП, констатираше Светска банка во последниот извештај за Западниот Балкан. Банкарите од Вашингтон препорачуваат да се стави крај на политичката криза.Повисок економски раст се очекува во 2017-та и 2018-та година...

Земјите од Западниот Балкан го зајакнуваат економскиот раст, а високите стапки на невработеност почнаа да се намалуваат. По минатогодишните 2,2 насто, годинава во просек ќе ја зголемат економијата за 2,7. Светска банка очекува растот во Македонија во 2016-та да забави и да достигне 2%. Се предвидува постепено закрепнување и растот в година да достигне 3,3 а во 2018-та 3,7%. Основна причина, како што се наведува во редовниот економски извештај на Светска банка, е политичката несигурност што влијаела врз инвестициите и го намали економскиот раст, спротивно на регионалниот тренд.

Главен носител на растот и натаму останува градежништвото, а главен генератор се јавните инвестиции, особено оние насочени во патната инфраструктура. 89 насто од новокреираните работни места биле фискално поддржани. Главни предизвици според Светска банка се нерашавањето на политичките превирања, високото ниво на фискален дефицит и зголемениот јавен долг. Во фокусот на регионот останува економскиот раст и справувањето со невработеноста.

„Засилениот раст почнува позитивно да влијае врз сиромаштијата и невработеноста во регионот. Иако стапката на невработеност се уште е висока, на ниво од 25%, сепак оваа бројка годинава се намали во 5 од шесте земји на југоисточна европа“, изјави Елен Голдстеин, регионален директор за Југоисточна Европа во Светска банка.

Земјите со силни програми на реформи забележаа зголемување на инвестиците кои станаа цврст двигател на растот во првата половина на 2016-та,смета катиа вострокнутова, главен економист на Светска банка и еден од авторите на извештајот. Глобалните економски трендови не одат во прилог на растот. За малите економии, како оние во Југоисточна Европа, внатрешните реформи можат да стимулираат посилен надворешно ориентиран раст дури и во услови на глобално забавување, препорачува Светска банка.

 

Свето Николовски