Почина Луис Арагонес
Поранешниот селектор на шпанската фудбаска репрезентација ...

Поранешниот селектор на шпанската фудбаска репрезентација Луис Арагонес почина денеска на 75-годишна возраст , по долго боледување.
Тој беше стратегот со кој Шпанија стана континентален првак во 2008 година и го почна периодот на суверено владеење во европскиот и во светскиот фудбал.
Претходно, „црвената фурија“ долго време се сметаше за силна репрезентација која не може да конкурира за освојување трофеи, но Арагонес ја промени таа перцепција за неа поведувајќи ја кон врвот на Европскиот Шампионат во Австрија и во Швајцарија во 2008. Тој успех го трасираше патот за триумфите на Светското Првенство во Јужна Африка во 2010 и на Европското во 2012 во Полска и во Украина.
Клучниот потег на Арагонес пред Еуро 2008 беше одлуката да создаде нов стил на игра на националниот тим со многу кратки додавања, којшто донесе многу успеси во Барселона. Им заблагодари на некои поискусни играчи, како Раул и Мичел Салгадо, со што предизвика многу полемики во шпанската јавност и во медиумите, но бурните негодувања бргу стивнаа, бидејќи резултатите почнаа да се движат во нагорна линија.
Веднаш по европската титула Арагонес се повлече од селекторското место и стана тренер на Фенербахче, но авантурата во Турција му траеше кратко, само една сезона. Во 2009 ја заврши кариерата, во текот на која беше тренер на повеќе шпански клубови. Една сезона ја предводеше Барселона (1987/88), а најдолго беше на клупата на Атлетико Мадрид, вкупно 15 години во текот на четири „мандати“. Со Атлетико беше и првак на Шпанија во 1977.
