Почина поранешниот израелски претседател Шимон Перес
Почина Шимон Перес, некогашен претседател и премиер на Израел. На светската политичка сцена ќе биде запаметен како историска личност од генерацијата на основачите на израелската држава и голем поборник за мирот на Блискиот Исток. Во 1994 година ја доби Нобеловата награда за мир. Погребната церемонија е закажана в петок...

Поранешниот изралески премиер и претседател Шимон Перес почина во 93-тата година од животот, две недели откако беше хоспитализиран поради мозочен удар. Лавина од телеграми и пораки со сочувство од светските лидери пристигнуваат во Тел Авив. Американскиот претседател Обама изјави дека Перес верувал во визијата за човечко достоинство и напредок постигнат со соработка. За палестинскиот претседател Махмуд Абас, смртта на израелскиот великан значи загуба за човештвото и мирот во регионот.
„Шимон Перес замина од овој свет, но не замина од нашите срца и сеќавања. Неговото име засекогаш ќе остане врежано во приказната за повторното раѓање на еврејскиот народ, како еден од нашите најголеми лидери и основач на државата Израел“, изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
За оние коишто го почитуваат ликот и делото на Перес, е невозможно да се најде соодветен наследник:
„Ако го погледнеме целиот негов живот, мора да му оддадеме почит за сите обиди и заложби да создаде пат во кој би се остварил траен мир.“
„Ова е крај на една ера. Тој беше последниот од основачите на државата. Со години не му даваа соодветно признание, луѓето забораваа. Перес не претставуваше одлично во светот, добитник е на Нобеловата награда за мир, бараше начини за примирје со Палестинците, така што ќе биде многу тешко да најдеме замена за него.“
Веста за смртта не Шимон Перес не беше трогателна за палестинското движење Хамас, чиишто членови изјавија дека со ова завршува фазата на окупираност, а почнува ерата на слабеење на моќта за Израел.
Шимон Перес е роден во 1923 година како Шимон Перски во Вишнева, поранешна Полска, а денешна Белорусија. Подоцна го зел презимето Перес што на хебрејски значи „орел“. Кога имал 11 години емигрирал во тогашна Палестина која била под британска власт. Напредувајќи во редовите на Лабуристичката партија, станал главен помошник на Давид Бен Гурион, првиот премиер на Израел.На 29 години, Перес застанал на чело на новоформираното министерство за одбрана.
Во 1994 година, заедно со палестинскиот лидер Јасер Арафат и тогашниот израелски премиер Јицак Рабин, ја доби Нобеловата награда за мир поради успешните преговори во Стокхолм. Наградата им беше доделена за привремениот мировен договор постигнат во 1993 година, но кој никогаш не се претвори во траен.
Претседателската функција ја извршуваше од 2007 до 2014 година, а пред тоа, двапати беше премиер на Израел.
