Истрагата потврди- МХ 17 бил урнат од руски проектил

28.09.2016 15:54

Истрагата потврди дека ракетата била истрелана од софистициран БУК земја-воздух систем од 53-тата антиавионска ракетна бригада од Кремљ со база во рускиот град Курск.

Меѓународните обвинители кои го истражуваат соборувањето на авионот МХ- 17 го побјавија првиот извештај за падот на леталото во кое се вели дека бил урнат од проектил бук истрелан од територија контролирана од бунтовниците. Истрагата потврди дека ракетата била истрелана од софистициран БУК земја-воздух систем од 53-тата антиавионска ракетна бригада од Кремљ со база во рускиот град Курск.

Се претпоставува дека била пренесена преку руско-украинската граница во јули 2014 и била забележана како го напушта Доњецк, контролиран од бунтовниците и како се упатува кон исток. Истражителите додадоа дека ракетниот систем подоцна бил вратен во Русија.

Понатаму во извештајот се вели дека постојат две можни сценарија за несреќата. Претходно презентираните докази ја отфрлија теоријата дека авионот го урнало друго летало или дека станува збор за технички проблем. Во изминатите две години од истрагата холандската полиција и обвинителите заедно со колеги од Австралија, Белгија, Малезија и Украина испитале повеќе од 200 сведока и биле собрани и анализирани повеќе од 200 делови од авионот.

„Се надеваме дека ќе слушнеме подетални информации за локацијата на ракетниот систем. Подетални информации од оние што одборот за безбедност ги претстави претходно“, изјави Пиет Плоег, роднина на жртва.

Кремљ, пак, денеска во очи соопштувањето на официјалните резултати соопшти дека радарските податоци покажуваат дека авионот дефинитивно не бил соборен со ракета од територија на Украина под контрола на проруските сили, туку од некоја друга страна. Портпаролот на Кремљ рече дека Москва ќе ги оцени резултатите од холандската истрага, но дека засега е рано да се зборува за нив.

Малезискиот авион беше соборен на 17 јули 2014 година над Украина, додека летал на релација Амстердам – Куала Лумпур. Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.

 

Марина Автовска