Пораз за Обама- поништено ветото за законот со кој Американците ќе можат да ја тужат Саудиска Арабија
Тежок политички пораз за американскиот претседател Барак Обама. Сенатот и Конгресот го стопираа неговото вето Американците да ја тужат Саудиска Арабија за терористичките напади на 11-ти септември 2001-та.

Со огромно мнозинство американскиот Сенат и Конгрес го поништија ветото на американскиот претседател Барак Обама на законот за странски држави спонзори на тероризам, според кој семејствата на загинатите во терористичките напади на 11-ти септември 2001-та ќе можат да ја тужат Саудиска Арабија. Американскиот претседател стави вето минатиот петок бидејќи оцени дека тој ќе има последици по американската надворешна политика.
„Ние веруваме дека овој закон ќе има многу широки сериозни последици за глобалните американски интереси. Специјално рековме дека законот ќе направи промени на меѓународното право на имунитет што може да влијае на нашата можност да интервенираме меѓународно и може да влијае на нашите односи со другите држави во светот“, изјави Марк Тонер, заменик портпарол на Стејт Департмент.
Семејствата на жртвите во терористичките напади коишто протестираа против ветото на Обама најавија тужби против Саудиска Арабија од каде беа најголемиот број од терористите. Белата куќа изрази загриженост дека со овој закон, странски држави ќе можат да тужат Американци за колатерални штети.
Последната одлука на американскиот претседател Барак Обама за странските држави поддржувачи на тероризам, е 12-то по ред вето за време на неговиот мандат.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
