Турција: Ердоган бара продолжување на вонредната состојба
Турскиот претседател бара продолжување на вонредната состојба во земјата. За борбата против терористите е потребен подолг период, па ќе додадеме уште три месеци, изјави ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја продолжи вонредната состојба во земјата зашто тримесечниот период не е доволен за елиминирање на сите терористи.
„Треба време да се елиминираат терористите од оваа земја. Работата е сериозна и очигледно е дека три месеци не се доволни. Поради тоа, на состанокот на Советот за национална безбедност предложивме вонредната состојба да се продолжи за уште три месеци“, изјави Ердоган.
Според него, можеби ни 12 месеци нема да бидат доволни. Направи споредба со Франција и нејзиното искуство по смртоносните напади.
„Франција имаше прво три месеци, па потоа уште три, а сега додадоа уште 6 месеци во периодот на вонредна состојба. Односно, вкупно 12 месеци. Дали светот ја прашува Франција зошто прогласила едногодишна вонредна состојба?“, вели Ердоган.
Целта е да се интензивира борбата против организациите на имамот Фетула Ѓулен и Работничката партија на Курдистан. Ѓулен е обвинет за неуспешниот обид за државен удар на 15 јули во кој загинаа над 240 луѓе, и за воспоставување паралелни структури во Турција.
Според Уставот на Турција, вонредна состојба може да се прогласи најмногу на 6 месеци. Предуслов за тоа е Владата да утврди дека постојат сериозни показатели за насилства кои ги нарушуваат демократијата во Турција и основните човекови права и слободи.
