Војводина завеана, ветер од 100 км на час!!!
01.02.2014 12:52
Снежни навеви од 4 метри и ветер со силина од над 100 км. на час, синоќа и денеска предизвикаа вистинска драма...

Снежни навеви од 4 метри и ветер со силина од над 100 км. на час, синоќа и денеска предизвикаа вистинска драма во Војводина и поголемиот дел на Србија. Од снежните навеви евакуирани се над илјада патници. Со помош на хеликоптери и тенкови синоќа се спасени 84 завеани патници на патот Белград-Зрењанин. Во овој град и во Панчево прогласена е вонредна состојба. И на автопатот Нови Сад-Суботица, војската и полицијата денеска евакуираше над 300 патници. Изутрината започна спасувањето на 100 патници од двата завеани меѓународни воза кои сообраќаат на релацијата Белград-Будимпешта. Поради силниот ветер и снежните намети, во повремен прекин е железничкиот и патниот правец од Нови Сад кон Суботица и на други патни правци во Војводина. Граничниот премин Хоргош е затворен. Забранет е влезот за товарните возила на сите премини на Србија со Унгарија и Романија.
-Состојбата е сериозна. Околу 50 возила се завеани на патот Стаичево-Перлез. Правиме се што можеме завеаните патници да ги ги евакуираме-изјави Душан Сијан-началник на Банатскиот округ.
Српската влада донесе одлука во спасувањето на завеаните патници да се ангажираат сите расположливи сили на војската, полицијата и болниците. Воедно ги повика граѓаните да не патуваат, додека невремето не помине.
Во Белград дува силна Кошава,досега незапамтена за Белграѓани. Откорнати дрвја, оштетени автомобили, паднат малтер од зградите, тоа се резулатите од силниот ветер.
Оливер Бранковиќ-постојан дописник на МРТ од Србија
