ОЈО: СЈО ги има деталите за смртта на Крпач
Записникот на СЈО крие детали за смртта на Коста Крпач, велат од Скопско обвинителство. Го бараат документот за да го решат случајот. Целата досегашна истрага се базира на податоците што ги има тимот на Јанева...

Записникот којшто се чува во СЈО, а ги содржи податоците кој и како му се заканувал на Коста Крпач, ги има одговорите зошто скопјанецот поврзан со случајот „Трезор“ си го одземал животот, велат од Скопското обвинителство. Побарле колегите да им го дадат документот за да се реши случајот, но не добиле позитивен одговор од СЈО. Согласно законот, брифираат од Скопското обвинителство, по распит на сведок кој се жали на закани, неопходно е да се состави записник кој ги содржи имињата на оние што се закануваат, но и сите детали поврзани со заканата, што значи, велат од ОЈО, записникот го имаат нивните колеги од специјалното обвинителство.
Коста Крпач беше сопственик на фирмата „Финзи“ за која специјалното обвинителство тврди дека во име на УБК купувала опрема од Велика Британија.
„Сведокот, сега веќе починатиот Коста Крпач, обезбеди информации како за овој предмет, така и за други предмети“, изјави вчера обвинителката Ленче Ристовска.
На 27-ми април Крпач излегол на терасата и од револверот којшто го поседувал легално, испукал неколку куршуми на улицата, а потоа сам си пресудил, велат од скопското обвинителство.
Но, главното прашање што го поставува обвинителството е што го натерало да посегне по сопствениот живот? Истражителите утврдиле дека Крпач бил видно вознемирен откако на 6-ти април во станот му упаднала полиција со налог за претрес, а веќе идниот ден бил повикан на распит во СЈО.
Што нашла полицијата во неговиот дом поради што се вознемирил, останува непознато. Сослушани се 19 сведоци, од кои 10 вработени во МВР кои го вршеле претресот. Биле издадени наредби за вештачење на материјалните траги и на мобилниот телефон, но домашните експерти не успаеале да го отворат телефонот- заштитен со лозинка, за да утврдат со кого комуницирал Крпач непосредно пред смртта.
Обвинителството води предистражна постапка за наведување и поттикнување на самоубиство, но засега, велат, истрагата се потпира на документот којшто го поседува СЈО.
Анита Димитријевска
