Во Србија уапсен еден од директорите на кососвката полиција

29.09.2016 15:56

Тачи е уапсен при издавањето потврда за влез во Србија, а врз основа на потерница од 2010 година по наредба на Вишиот суд во Ниш- поради кривично дело тероризам...

Српската полиција го уапси директорот на косовската полиција за регионот на Косовска Митровица. Како што соопштија од министерство за внатрешни работи, Нехат Тачи кој е висок функционер во косовската полиција, уапсен е доцна синоќа, по полноќ, на преминот Бела земја кај Бујановац. Тачи е уапсен при издавањето потврда за влез во Србија, а врз основа на потерница од 2010 година по наредба на Вишиот суд во Ниш- поради кривично дело тероризам.

Српските медиуми претходно објавија дека косовската полиција ја потврдила информацијата за апсењето и дека Тачи бил префрлен во Ниш каде требало да присуствува на рочиште. Според српските медиуми, кои се повикуваат на информациите од Кососво, Нехат Тачи бил на одмор и надвор од службените должности патувал со автомобил за една западноевропска држава преку Србија. Косово веќе побара преку Еулекс објаснување за апсењето.

Од српското министерство не даваат други детали за апсењето, додека српските медиуми само фактогафски ја пренесуваат веста.

Инаку во Брисел деновиве продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите,а една од жешките теми е и прашањето за слободен премин во поделената Косовска Митровица.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ