Вајгл: Очекуваме демократски избори и резултати прифатени од сите

29.09.2016 16:26

„Потребна е политичка волја кај сите политичари за борба против корупцијата и демократски избори со резултати прифатливи за сите“- порача известителот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл на конференција во Скопје. Побара поддршка за Специјалното обвинителство. На истата конференција, Катица Јанева апелираше дека Специјалното обвинителство треба да има поширок опфат на својата работа...

Очекуваме демократски избори и резултати прифатени од сите. Важно е во овој момент да видиме волја кај сите политички играчи во Македонија, да се борат против корупцијата. Некои од нив треба да се борат во нивните редови, порача Иво Вајгл, европратеник и известител на Европскиот парламент за Македонија на меѓународната конференција, посветена на справувањето со корупцијата. Борбата против корупцијата е цел на секоја демократска земја која сака да биде дел од европското семејство, нагласи европратеникот. Корупцијата беше еден од сериозните проблеми во оваа земја, вели Вајгл, и тоа се повторува во сите извештаи на Европскиот парламент и на Европската комисија. Но, секако, подвлече, дека има и други цели кои во блиска иднина ќе и овозможат на Македонија да направи прогрес кон нејзиниот европски пат.

„Најпрвин тоа би биле изборите на 11 декември, што ќе значи исполнување на обврските преземени со договорот од пржино во однос на реформите и секако способноста и подготвеноста на сите политички партии да се соработува по изборите, кои очекуваме да бидат демократски, транспратентни и согласно со европските стандарди, а резултатите да бидат прифатени од сите политички партии“, изјави известувачот за Македонија, Иво Вајгл.

Вајгл рече дека Специјалното јавно обвинителство треба целосно и безусловно да биде почитувано, а тоа да не зазема страна во јавните конфронтации.

„ЕУ и Европската комисија знаат зошто е формирано заеднички со главните политички партии. Сега, треба да му овозможиме на СЈО да испорача резултати и да не се прават опструкции во неговата работа. Но, оваа институција не е политичка и не треба да зазема страна во јавните конфронтации во однос на политички прашања, туку треба да ги одбере јазикот, методите и позицијата согласно со владеењето на правото - јазикот на правото“, нагласи Вајгл.

На конференцијата, специјалната обвинителка Катица Јанева побара примена на законот со што партиите би одговарале како правен субјект.

„Кривични дела според кривичниот законик со кој се санкционира попречување на правдата се давање лажен исказ, спречување на докажување, присилба спрема правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие. Заради зголемување на правната сигурност и ефикасност на СЈО ппотребно е истото да биде надлежно и за овие кривични дела“, изјави обвинителката Јанева.

Едно од нештата што не ги гледаме често во земјите од Југоисточна Европа е политичка активност за да се сузбие корупцијата, вели Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократијата. Вели, ако се осврнеме на работата на македонската цивилна заедница, тие имаат многу напори за да ги натераат институциите да бидат потранспарентни, да им дозволат на граѓаните да видат повеќе за она што се случува во институциите.

„Но тоа секако мора да се крене на политичко ниво, од Парламентот, од парламентарните сили, од владата, од опозицијата. И секако ова мора да се случува низ целата Југоисточна Европа, не велат дека ова е случај само во Македонија, туку во сите земји има премалку политички активности во поглед на намалување на корупцијата. На пример, кога имате антикорупциска институција дали ја има моќта, како на пример на Московиси во Романија, или Ускок во Хрватска, или пак во словенечките или полските институции? Мислам дека не“, рече Руслан Стефанов.

Ако претпоставиме дека сите земји во југоисточна европа сакаат да бидат дел од европското семејство, тогаш има две големи институции одговорни за борба против кориупцијата. Тоа се судството, обвинителството и судиите, нагласи Стефанов.

 

Наташа Гркова- Петрушевска