ФИБА ги додели специјалните покани за Мундобаскетот во Шпанија

„Вајлд картите“ за Грција, Турција, Бразил и – за Финска!

01.02.2014 13:05

Кошаркарските репрезентации на Грција, Турција, Финска и на Бразил ги добија четирите специјални покани од ФИБА...

Кошаркарските репрезентации на Грција, Турција, Финска и на Бразил ги добија четирите специјални покани од ФИБА за настап на претстојното Светско Првенство во Шпанија, во септември годинава.

И ако „вајлд картите“ за Грција, Турција, па и за Бразил беа очекувани по откажувањето на Русија и на Кина, големо изненадување е фактот што во ова друштво се најде и Финска. Таа никогаш досега не учествувала на мундијалите, а десет пати настапила на европските првенства, на коишто највисок пласман и било шестото место како домаќин во 1967. На последните два континентални шампионата завршуваше деветта.

Турција беше домаќин на последното СП во 2010, но разочара на последниот Евробаскет 2013, кога не ја мина ниту групата. За Турците ова ќе биде четврти настап на светските првенства, откако на свој терен пред четири години го освои среброто, потклекнувајќи во финалето пред моќните Американци.

И Грција не успеа преку ланскиот Евробаскет да избори пласман на светската смотра. Во Словенија допатува со амбиции за медал, но ги изневери очекувањата, па мораше преку ФИБА да добие можност за седмо мундијалско учество. Двојните европски прваци освоија сребро на Светското Првенство во 2006 во Јапонија, каде што во финалето загубија од Шпанија.

Лош настап на континенталното првенство (Америкнското) имаше и Бразил, кој со четири порази отпадна по првата фаза. Сепак, „кариоките“ добија дополнителна можност шеснаесетти пат да бидат дел од кошаркарската елита. Бразил е двоен светски првак од 1959 и од 1963.

Покрај четирите „среќни добитници“ на ваквата лотарија, којашто се одржува последен пат (за СП 2019 ќе се играат посебни квалификации и ќе нема специјални покани), со дебели финансиски понуди за „вајлд карти“ се кандидираа и Германија, Полска, Израел, Босна и Херцеговина, Венецуела, Канада, Нигерија и Катар.

На 17. Мундобаскет во Шпанија директен пласман имаа обезбедено селекцијата-домаќин, уште шест европски репрезентации (Франција, Литванија, Хрватска, Словенија, Украина и Србија), олимпискиот првак САД, три африкански селекции (Ангола, Египет и Сенегал), четири американски (Мексико, Порторико, Аргентина и Доминиканска Република), три азиски (Иран, Филипини и Јужна Америка) и две од Океанија (Австралија, Нов Зеланд).