Светот се збогува со Шимон Перес

30.09.2016 12:32

На церемонијата на државниот погреб на израелските национални гробишта Гора Херци во Ерусалим присуствуваат голем број светски лидери, меѓу кои македонскиот премиер Емил Димитриев, американскиот и францускиот претседател Обама и Оланд, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини...

Светот денеска се збогува со поранешниот претседател и премиер на Израел и добитник на Нобеловата награда за мир, Шимон Перес. На церемонијата на државниот погреб на израелските национални гробишта Гора Херци во Ерусалим присуствуваат голем број светски лидери, меѓу кои македонскиот премиер Емил Димитриев, американскиот и францускиот претседател Обама и Оланд, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, германскиот претседател Јоаким Гаук и британскиот принц Чарлс, како и палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој по шест години по последната официјална средба, се ракуваше со израелскиот лидер Бенјамин Нетанјаху. Израелскиот претседател одржа говор во кој за последен пат му се обрати на неговиот поранешен колега.

„Како еден претседател кон друг, како што ти ми велеше мене. Како што ги гледаме сите светски лидери собрани овде, нашите пријатели од целиот свет кои дојдоа да ја оддадат својата последна почит, сфаќаме дека ќе недостигаш не само овде, туку низ целиот свет“, рече Реувен Ривлин, претседател на Израел.

Претседателот Обама којшто исто така одржа говор, на церемонијата во 2012 година го награди Перес со претседателски медал за слобода.

„Шимон во својот живот постигна доволно за илјада луѓе. Но тој сфати дека е подобро да се живее до крајот на ова време што го имаме на земјата не тагувајќи по минатото, туку со соништа за она што се уште не се исполнило“, истакна претседателот на САД, Барак Обама.

Почесната воена гарда изутрината го понесе ковчегот со телото на Перес којшто вчера беше изложен во дворот на Парламентот за Израелците да му изразат последна почит на својот деветти претседател.

Улиците во централното подрачје во Ерусалим се затворени, а за безбедноста се грижат околу 8.000 полицајци. Шимон Перес во текот на седум децении политичка кариера беше на сите важни државни функции, двапати беше премиер и претседател.

Во 1994 година доби Нобелова награда за мир заедно со рабинот и палестинскиот лидер Јасер Арафат за напорите за постигнување мир на Блискиот Исток.

 

Марина Автовска