СДСМ бара итна собраниска седница за измените во Законот за СЈО предложени од Јанева
Пратеничката група на СДСМ достави барање за итна собраниска седница на која би се разгледувале Предлог измени на законот за заштитени сведоци и на законот за Специјалното јавно обвинителство. Во Парламентот пак, уште едно, трето по ред одложување на расправата за 6-месечниот извештај на СЈО, поради отсуство на обвинителката Јанева...

Со донесувањето на двете законски решенија, ќе се поддржат барањата на Специјалното јавно обвинителство, за да се овозможи непречена работа на институцијата, вели Шилегов, додавајќи дека очекуваат спикерот Вељаноски седницата да ја закаже во најкус можен рок. Ги повика сите парламентарни партии да ги поддржат предлог измените, имајќи го предвид фактот дека формирањето на СЈО беше изгласано консензуално, додаде Шилегов.
Појасни дека во предлог законот за заштитените сведоци се пресликани одредбите од законот за кривична постапка што се применуваат и во одделот за организиран криминал, односно од моментот на отворањето на постапката до покренување на истрагата треба да поминат 12 месеци, а во специјални случаи рокот со одобрение на државниот обвинител може да се продолжи.
Токму вакви барања испорача и специјалната јавна обвинителка Јанева при разгледувањето на 6-месечниот извештај пред Комисијата за политички систем. Веќе трети пат продолжението на дебатата се одложува поради отсуството на Јанева. ВМРО-ДПМНЕ смета дека специјалната обвинителка како подносител треба да присуствува на комисиската расправа и да го образложи финансискиот извештај за работата на СЈО.
Јанева апелираше Собранието да донесе измени во Законот за заштита на сведоци и Законот за приватност, да се продолжи мандатот на СЈО и да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија.
Милчо Велески
