Ракомет
По Кале, Веспрем во Автокоманда
01.02.2014 13:16
Вечер од 19 часот во спортската сала во Автокоманда, унгарскиот првак Веспрем ќе одигра контролен натпревар со македонскиот вицешампион Металург...

Вечер од 19 часот во спортската сала во Автокоманда, унгарскиот првак Веспрем ќе одигра контролен натпревар со македонскиот вицешампион Металург.
Уште еден предизвик за македонските љубители на ракометот. Плејадата ѕвезди во составот на 20-кратниот шампион на Унгарија и единствената екипа што во досегшните 7 кола од лигата на шампионите има исто толку победи ,по вчерашниот пораз од Вардар на Кале ,ќе се обиде да го поправи впечатокот против составот на Металург. Иако станува збор за пријателски, подготвителен натпревар ,од двата табора најавуваат дека ќе одиграат максимално и дека резултатот не е во втор план.
Металург ќе настапи без носителот на играта Наумче Мојсоски, на повреди се жалат уште неколку ракометари, па мечот со Веспрем е одлична можност за стратегот на металурзите Лино Червар да ги испроба сите варијанти во играта во пресрет на гостувањето во Париз во лигата на шампионите.
Слична е интенцијата и на стратегот на Веспрем ,Карлос Ортега кој не крие дека неговиот состав не случајно е во Скопје, туку поради квалитетот на двата клуба што го презентираат македонскиот ракомет меѓу елитата,а патем Скопје е единствената европска метропола каде што на растојание од само неколку километри може да се одиграат контролни средби со екипи што настапуваат во лигата на шампионите.
Натпреварот Металург-Веспрем гледачите на Македонската телевизија ќе можат да го следат на првиот програмски сервис од 19 часот.
