Орбан прогласи победа на референдумот за мигранти

03.10.2016 10:03

Премиерот на Унгарија прогласи победа на референдумот за мигрантски квоти иако излезноста беше под 50%. И покрај жестоката кампања против ЕУ и против мигрантската криза, Орбан не успеа да ги убеди сите граѓани да гласаат. Поради бегалската криза, владата воведе остри мерки кои предизвикаа намалување на приливот. Европа ги критикува методите кои вклучуваат протерување и поставување огради...

Унгарскиот премиер Виктор Орбан прогласи победа на референдумот за задолжителни квоти за мигрантите во ЕУ и покрај излезноста која беше пониска од потребните 50%. Повикот на владата да се отфрли контроверзниот план на Унијатаза релоцирање на 160 илјади мигранти низ блокот,го поддржаа речиси 98% од гласачите. Според документот, Унгарија би требала да прими 1.294 баратели на азил.За победничката страна, резултатот е обврзувачки, и од политички и од законски аспект.

„13 години поминаа откако решивме со големо мнозинство на референдум да и се придружиме на Европската Унија. Унгарците и денеска го искажаа своето мислење за прашање поврзано со Европа. Постигнавме неверојатен резултат зашто го надминавме процентот на излезност од референдумот за пристап во Унијата. Треба да се гордееме зашто сме првата, и засега, единствената членка на ЕУ која директно го изразува својот став за проблемот со мигрантите“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Опозицијата тврди дека власта не ја добила потребната поддршка. Според аналитичарите, резултатите од референдумот се истовремено и пораз и победа за премиерот Орбан. Пораз зашто не  успеа да ги убеди сите државјани да излезат да гласаат. Победа, зашто успеа да добие поддршка од повеќе гласачи на овој референдум отколку на референдумот пред 13 години кога решаваа за членството во Унијата.Низ Унгарија поминале 400 илјади мигранти чија крајна цел е Западна Европа.