Сплотеност, одговорност, хиерархија, квалитет...

01.02.2014 13:55

Ракометната федерација на Македонија се огласи со соопштение во врска со настаните на Евроопското првенство во Данска...

Ракометната федерација на Македонија се огласи со соопштение во врска со настаните на Евроопското првенство во Данска. Заблагодарувајќи им се на сите чинители во нашиот ракомет, РФМ констатира дека на континенталниот собир биле остварени проектираните цели, иако потајно сите се надевале на уште подобар пласман од освоеното десетто место во конкуренција на 16 селекции. 
 
Нашите ракометни челници сметаат дека во целост била исполнета програмата на стручниот штаб во поглед на подготовките, тренингот, патувањето и сместувањето на репрезентативците. Останувајќи на определбата да се почитуваат хиерархијата и надлежностите, Ракометната федерација на Македонија смета дека црна дамка на овој шампионат оставиле изјавите на одредени репрезентативци коишто ќе бидат тема за расправа на посебна седница на Дисциплинската комисија. Потенцирајќи дека ќе се води според квалитетот како единствен параметар на сите нивоа на функционирање, нашата ракометна куќа ја најави напорната агенда во сите возрасни категории. 
 
„Раководството на федерацијата нема да отстапи од начинот на работење при кој секој професоналец и спортски работник ќе делува во рамки на својот делокруг“, пишува во соопштението на РФМ.