Во Свети Николе ќе „никне“ холандска фабрика за печурки

01.02.2014 14:03

Во новата фабрика во првата фаза од инвестицијата планирано е да се вложат околу 3,5 милиони евра додека за пет години севкупната инвестиција се проценува на 25 милиони евра...

Во индустриската зона „Овче Поле“ во близина на Свети Николе денеска е поставен камен-темелник на нова фабрика за печурки, холандска странска инвестиција на компанијата ИД Балкан ДООЕЛ Тетово. 
 
Во новата фабрика во првата фаза од инвестицијата планирано е да се вложат околу 3,5 милиони евра додека за пет години севкупната инвестиција се проценува на 25 милиони евра. Ќе бидат отворени нови работни места и тоа, според најавите, во почетокот фабриката ќе вработи околу 30 луѓе, а за неколку години бројката на нови вработувања треба да достигне до 450. 
 
Според премиерот Никола Груевски оваа фабрика ќе го заживее регионот и ќе донесе придобивки како за нововработените и за нивните семејства, така и за другите македонски компании кои би соработувале со новата фабрика. 
 
Груевски истакна дека Владата и во иднина, заедно со општина Свети Николе и со сите други општини, ќе работи да овозможи што подобра бизнис-клима во земјата, како и поатрактивни можности за инвестирање и комуникација со веќе постоечки фирми.