Утре премиера на претставата „Антигона и Креонт“

03.10.2016 13:40

Претставата ги содржи најемотивните и истовремено најбруталните теми. Ги отвора сите табуа, откога постои човекот.

Утре во Кино Култура премиерно ќе биде изведена претставата „Антигона и Креонт“ од Театарот на Навигаторот Цветко. Според режисерката Нела Витошевиќ, тоа што ја прави актуелна оваа претстава е моменталната политичка состојба во земјава.

Претставата ги содржи најемотивните и истовремено најбруталните теми. Ги отвора сите табуа, откога постои човекот.

Има три пара кои доаѓаат од различно време, но сите се погледнати од денешна призма и сите претставуваат еден ист лик, но тоа се различни аспекти на тој лик. Ја оставив претставата отворена за толкување, рече Витошевиќ.

Таа потенцира дека ја гледа претставата како студија на карактери, која се стреми психолошки да ги истражи ликовите, зошто така постапуваат, кои се нивните стравови, притисоци, задача што треба да ја извршат...

Оваа претстава беше изведена на 15. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.