Ердоган: ЕУ не го почитува договорот за бегалци

03.10.2016 14:31

Германскиот министер за финансии побара создавање на т.н. германски ислам за поголема толернација на бегалците и мигрантите во земјата во која сѐ повеќе се шири ксенофобијата. Бегалската криза е проблем и за Турција. Ердоган со критика до ЕУ- не сте го исполниле ветувањето за финансиска помош.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја критикува ЕУ бидејќи не го исполнила ветувањето за помош од три милијарди евра, согласно со договорот меѓу Анкара и Брисел за спречување на бегалскиот бран. Европската комисија реплицираше: исплатата на средствата за Турција се заснова на проекти, а не се исплаќа како готовина.

Голем дел од луѓето кои доаѓаат од Блискиот Исток и Африка сакаат да стигнат до Германија. Поради неконтролираниот прилив, оваа земја ќе почне да го спроведува правилото за барателите на азил, според кое, лицата треба да бидат вратени во државата преку која влегле во Унијата. Германскиот министер за внатрешни работи Де Мезиер побара Грција да ги врати назад сите кои влегле преку нејзината територија. Причина за ова не е само преголемата маса од луѓе, туку и инцидентите и нападите врз населението на кои германскиот народ реагираше со ксенофобични движења и протести. Министерот за финансии Волфганг Шојбле побара да се создаде таканаречен „германски ислам“ базиран на принципите на толеранција и на европскиот либерализам.

Инаку, Германија одбележува 26 години од обединувањето.  На 3 октомври 1990 година пет провинции од поранешната Демократска Република Германија влегоа во составот на Сојузната Република. Главните прослави се организирани во Дрезден, административниот центар на Саксонија. За безбедноста се ангажирани околу 2.600 полицајци. Безбедносните мерки се зајакнати по минатонеделните напади.