„Антигона и Креонт“ премиерно во Кино Култура
Утре во Кино Култура премиерно ќе биде изведена претставата „Антигона и Креонт“ од Театарот на Навигаторот Цветко. Според режисерката Нела Витошевиќ, тоа што ја прави актуелна оваа претстава е моменталната политичка состојба во земјава. Претставата ги содржи најемотивните и истовремено најбруталните теми. Ги отвора сите табуа, откога постои човекот.

Три Антигони и Креонти - три паралелни приказни кои меѓусебно се испреплетуваат, ќе го отсликаат судирот меѓу отпорот и власта во претставата. Во последниве неколку години главниот лик Антигона ја инспирира режисерката Витошевиќ, вели ова е вистинското време за претставата.
„Проблемот на власта наспроти отпорот е секогаш ист, во секое време. Тоа беше клучна точка поради која што, јас се решив во оваа нова адаптација да имам три Креонти, три Антигони, односно три паралелни приказни кои меѓусебно се испреплетуваат“, вели режисерката Нела Витошевиќ.
Трите двојки доаѓаат од различно време, но сите се погледнати од денешна призма и сите претставуваат ист лик. Актерите велат - претставата има елементи кои се безвременски.
„Антигона доаѓа пред кралот и тој и вика има црно и бело. Таа му вели не, има и сиво и шарено, сѐ што гледам јас, а тоа што не го гледаш ти. На Антигоната ѝ е најважен нејзиниот принцип и нејзината слобода. Без слобода нема живот“, смета актерката Симона Димковска.
„Во претставата има премногу интимни моменти кои се наши и кои припаѓаат на ова време едноставно се безвременски – тоа е една од причините зошто треба претставата да се погледне. Ние граѓаните од втор ред не сме застапени таму“, вели актерот Благоја Веселинов.
Претставата „Антгигона и Креонт“ беше изведена на 15-тиот Интернационален фестивал на античката драма „Стоби“.
Андријана Атанасовска
