Законот за нотаријат ќе ги зголеми давачките за компаниите
Бизнис заедницата бара да се приспособат законските измени за компаниите кои имаат правна служба, да можат да ги застапуваат своите фирми пред нотарите во случаи поврзани со платен промет и извршување, но и при други дејствија...

Повеќе од 60 проценти од компаниите ќе се соочат со зголемени финансиски трошоци од 1 јануари, кога ќе стапи во сила новиот Закон за нотаријат и извршување- предупредуваат од Стопанската комора. Апелираат наместо да се ангажираат надворешни соработници, адвокати и адвокатски друштва, како што е предвидено со законски измени, да се овозможи постапките за нотарските платни налози и извршувањата да ги вршат правните служби на компаниите.
Во најновото анкетно истражување на Стопанската комора, компаниите посочиле дека вака уредениот закон може да предизвика и намалување на бројот на правници во компаниите.
Од вкупно прашани 226 компании од различни дејности, 61,5 отсто имаат сопствена правна служба со по седум до осум вработени, од кои најмалку пет се со положен правосуден испит.
Новиот Закон за нотаријат и извршување предвидува за секој налог повисок од 10.000 евра, да биде вклучен адвокат. Адвокатската тарифа изнесува од 700 до 12.600 денари.
Дијана Ценевска
