Протести во Атина: Полицијата со солзавец против пензионерите
До судири дојде кога група пензионери се обидоа да превртат полициски автобус и да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на премиерот во центарот на Атина.

Грчката полиција со солзавец ги растеруваше неколкуте илјади пензионери кои што денеска излегоа на протест во главниот град насочен против новото намалување на пензиите и реформите во пензискиот систем.
До судири дојде кога група пензионери се обидоа да превртат полициски автобус и да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на премиерот во центарот на Атина.
Организаторите на протестот најавија дека нема да се откажат во борбата да си го повратат она што е нивно, нагласувајќи дека Владата незаконски им ги одзела средствата кои што тие веќе ги заработиле во минатото.
„Се бориме. Нема да престанеме со нашата борба. Ние веќе ги заработивме оние пензии што ни се скратени, заедно со нашето право за здравствена и социјална заштита и ќе бараме нивно почитување до самиот крај. Одиме кај премиерот со едно главно барање, да ни биде вратено она што е наше“, изјави Димос Кумбурис – претседател на Фондација за социјално осигурување.
„Се бориме за нашите пензии. Се бориме за правдата, за општеството, за нашите деца и внуци и за она што го имавме пред катастрофалните политики на претходните и на актуелната влада“, вели Тасос Георгијадис- пензионер.
Грчката влада предводена од левичарската СИРИЗА оваа година наметна ново намалување на пензиите, како дел од обврските преземени од спасувачкиот договор со меѓународните кредитори. Последното кратење на пензиите е во рамките на шестгодишната имплементација на мерките за штедење во Грција каде што во моментов невработена е една четвртина од населението, додека Меѓународниот Монетарен Фонд пак, притиска за спроведување на уште по строги мерки.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
