МЗТ Скопје Аеродром ја пречекува Мега Визура

01.02.2014 14:23

По блескавата победа над Партизан во Белград, екипата на МЗТ Скопје многу пооптимистички го очекува...

По блескавата победа над Партизан во Белград, екипата на МЗТ Скопје многу пооптимистички го очекува следниот предизвик во АБА лигата, против уште еден од четирите претставници од Србија. Но, за разлика од “црно – белите“ кои се актуелни шампиони, и шесткратни победници на регионалната лига, тимот на Мега Визура е со најскромна историја. Егзистира само деценија ипол, во кој нема освоено ниту еден трофеј, и ја игра дебитантската сезона во АБА конкуренцијата. Сепак, тоа е единствениот тим кој сезонава успеал да постигне троцифрен број поени против македонскиот првак, кога во рамките на 6 – то коло, победи со 101:82. Тогаш најискусниот Ратко Варда постигна 21 поен, а во редовите на гостите Чековски беше најдобар поединец, со 22 поена. На тој натпревар, поради суспензија не настапи Гечевски, кој беше најдобар во победата над Партизан, со што заслужи место во идеалната петорка во претходното коло.   

Минатата недела Мега Визура го совлада Задар, со што ја прекина серијата од пет порази, со што речиси сигурно го избегна последното место, и сега со многу поголема самодоверба ќе ги играат претстојните натпервари. Од друга страна, МЗТ Скопје Аеродром се врати на победнички патеки, и со многу амбиции ќе влезе во натпреварот, за да влезе во серија, која евентуално би го искачила место погоре во силната конкуренција. Минатата сезона вистински баук им беа дуелите со претставниците од Србија, кога од 6 натпревари добија само еден, а сезонава, успеаја да слават во три од петте настапи. Мотив повеќе ќе им биде реванш за високиот пораз, во кој примија најмногу поени во досегашните 18 кола, и секако, можност да направат исчекор кон првите 6 екипи.        

“МЗТ е одлична екипа, значително ја поправија формата. Играат се подобро, а победата над Партизан е најдобра потврда за тоа. Ние на нит еден натпревар не влегуваме за да загубиме. Ќе се обидеме да ја повториме партијата против Задар и да победиме, но за такво нешто мора да го задржиме високото ниво во одбраната“ – изјави Дејан Милојевиќ, тренерот на Мега Визура.

Во домашниот тим предупредуваат дека мора максимално сериозно да се влезе во натпреварот, затоа што противникот игра брза и агресивна кошарка, со која е меѓу најголемите изненадувања сезонава.

“Мега Визура има млад и полетен тим, кој ни нанесе висок пораз во првиот дел. Ни останува да ја повториме играта од минатите натпревари, и да го подобриме впечатокот кој го оставивме во Смедерево“ – изјави тренерот Зоран Мартич. 

Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Мега Визура се игра попладне во салата “Борис Трајковски“ од 17 часот, со пренос на МРТ1.