Охрид: Недостасуваат елитни хотели за развој на монденски туризам
На земјава ѝ недостигаат елитни хотели со кои би требало да се развива монденскиот туризам. Во Охрид последниве години успешно се одвива проектот за враќање на странските туристи на ривиерата. Сепак потребни се нови иницијативи и следење и примена на светските текови на елитниот туризам...

Охрид е сѐ уште на крстопат. Државата, градот, хотелиерите и угостителите со години наназад никако да ја разрешат дилемата-дали најголемиот македонски туристички ценар ќе развива масовен или монденски туризам. Можеби одговорот лежи во Стратегијата за развој на туризмот до 2020-та на која сеуште се работи, но уште сега дел од критички настроените експерти посочуваат дека во нејзиното оформување се вклучени недоволно стручни лица.
Со или без стратегија во изминатите 6-7 години успешно се одвива проектот за враќање на странските туристи на охридското крајбрежје. Субвенционирањето на тур-операторите даде резултати, но за жал мал е бројот на елитните туристи кои навраќаат во македонскиот бисер. Нив и неможе да ги има повеќе се додека не се изградат хотели со светски бренд, кои се дел од понудата на секој посериозен туристички центар.
Туристичките работници сметаат дека луксузните хотелски капацитети ќе понудат нови содржини, со што на брегот од Охридското Езеро ќе привлечат туристи со подлабок џеб и на тој начин ќе придонесат за севкупниот развој на туризмот.
„Во моментов имаме околу 7.300 кревети, во категоризирани хотелски објекти со 3, 4 и 5 ѕвезди. Сметаме дека минимално треба да бидат 10.000 кревети и повеќе за да бидеме поатрактивни кај сранските тур- оператори“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Во Охрид не недостигаат само луксузни хотелски капацитети, туку и елитни ресторани. Таму каде што никогаш нема да добиете одговор дека недостига нешто, особено некој специјалитет што е наведен во менито. Таквите објекти се несомнено потребни, меѓутоа заедно со нив оди и професионализмот во работењето и доброто однесување. Секој гостин сака да биде добро услужен, но и да го добие токму она за што плаќа, независно од висината на цената.
Сашо Нелоски
