Ќе се менува начинот на кој ќе се оценуваат учениците

04.10.2016 14:35

Наставниците ќе добијат обуки од експертите од Кембриџ за да се стекнат со нови методи и вештини со цел учениците да ја добијат оценката која ја заслужуваат.

Ќе се менува начинот на кој ќе се оценуваат учениците кои учат по Кембриџ програмата. Наставниците ќе добијат обуки од експертите од Кембриџ за да се стекнат со нови методи и вештини  со цел учениците да ја добијат оценката која ја заслужуваат.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека е направен проект со рамка на активности – подготовка на прирачници и правилници врз основа на кои потоа ќе се спроведуваат обуките за развивање нови педагошки практики и оценување од страна на наставниците.

Овие обуки ќе ги спроведуваат советниците на Бирото за развој на образованието кои во меѓувреме ќе бидат добро подготвени и во улога на мастер-тренери ќе ги обучуваат сите одделенски, како и предметните наставници по математика и природни науки, рече Ристовски.

Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ истакна дека главен нагласок на програмите адаптирани по Кембриџ е учење преку искуство и експерименти, така што наставниците треба да бидат обучени и како да развијат критериуми и инструменти за оценување на ваквите вештини на учениците.

Овој проект на ресорното министерство ќе трае три години, ае финансиран од Европските образовни програми.