Предизборно соочување во САД: Прва дебата на потпретседателските кандидати

05.10.2016 10:18

Потпретседателскиот кандидат на Републиканската партија Мајк Пенс ја доби првата и единствената потпретседателска дебата. Во атмосфера на жестока дебата, Мајк Пенс ги презентираше политиките на Доналд Трамп и ги отфрли нападите, додека потпретседателот на Демократската парија Тим Кејн, не ја освои довербата на гласачите со постојаните напади врз Доналд Трамп...

Потпретседателот на Републиканците, гувернерот Мајк Пенс ја изложи економската политика на Доналд Трамп, ги отфрли обвинувањата дека Трамп не плаќал данок и истакна дека тие ќе ја вратат безбедноста во земјата и лидерската улога на Америка во светот. Пенс ја нападна Клинтон за слабата надворешна политика и заташкувањето на скандалот со имејловите. Тој ги повика гласачите ако сакаат промена да гласаат за Републиканските кандидати.

„Тоа е редоследот по кој треба да ги правите нештата. Гранична безбедност, отстранување на криминалните групи, поддршка на законот. И дури тогаш, сенаторе, кога ќе се вратите во Сенатот, ви ветувам дека ќе работиме на реформи во имиграцискиот систем“, изјави Пенс.

Демократскиот кандидат за потпретседател, сенаторот Тим Кејн ги повтори обвинувањата на Хилари Клинтон кон Доналд Трамп, давајќи слаба презентација на економската, надворешната и безбедносната политика доколку бидат избрани во Белата куќа.  Ги бранеше ставовите за расизам кај полициските служби и продолжување на политиката за легализација на илегалните имигранти во земјата.

„Кога Доналд Трамп зборуваше во Феникс, ја погледна публиката в очи и рече не, ќе градиме ѕид и ќе ги депортираме сите. Тој рече, цитирам, ќе ги нема сите“, нагласи Кејн.

Потпретседателските кандидати се малку познати на американските гласачи. 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ