„Јаху“ масовно скенирал електронска пошта за американската влада

05.10.2016 12:47

По наредба на ФБИ и на Aгенцијата за национална безбедност, „Jаху“ пребарувала електорнска пошта на милиони корисници. Според законот, тајните служби смеат да бараат податоци од интернет компаниите доколку сметаат дека постои закана за државната безбедност...

Компанијата „Јаху“ наводно прифатила да работи според упатствата на американската влада, пребарувајќи стотици милиони електронски пошти за потребите на Федералното истражно биро и за Агенцијата за државна безбедност. Во тајност изработила програма за пребарување на корисничките сметки, изјавија двајца поранешни вработени во компанијата. Засега е непознато по кои информации трагале тајните служби, но се знае дека од „Јаху“ барале да ги пребаруваат поштите според одредени низи на букви. Поранешни владини соработници и експерти за безбедност изјавија дека не им е позната толку опсежна операција за собирање на податоци на интернет. Според стручњаците, проблемот со хакирани информации нема да се реши лесно и брзо.

„Имаме домино ефект. Само еднаш треба да влезат и одат докрај“, вели Роналд Натер, советник за кибер безбедност.

Последиците се негативни и за физичките и за правните лица.

„Не треба да се загрижени само поединци. И компаниите го користат „Јаху“. Тие треба да се уште поисплашени“, вели Натер.

Натер нагласи дека најголема грешка прават при бирањето на лозинката.

„Над 55% од компаниите ја користат истата лозинка на секоја сметка“, нагласува Натер.

Според законот изменет во 2008 година, американските тајни служби смеат да бараат од интернет компаниите да им доставуваат податоци од различни причини, како на пример, за спречување на терористички напади.

Поранешниот соработник на Агенцијата за национална безбедност, Едвард Сноуден објави дека постои масовно електронско надгледување и ја натера владата на САД да ублажи дел од програмите поради заштита на приватноста на корисниците на интернетот.