Гранична и крајбрежна стража ќе ја штити ЕУ од налетот на мигрантите

05.10.2016 15:47

Октомври е крајниот рок кога треба докрај да се оствари договореното меѓу Брисел и Анкара за континуитет во непропуштањето на бегалците од Блискоисточниот кризен регион кон Унијата. Откако Турција не ја унапреди регулативата поврзана со тероризмот, од Брисел нема сигнали за визната либерализација за турските државјани, клучно барање на администрацијата на Ердоган. За возврат, лидерите на Унијата решија европјаните да бидат заштитени од новосоздадената Агенција гранична и крајбрежна стража која почнува да функционира од утре...

Откако Фронтекс не ја изврши целосно задачата, Брисел одвои 240 милиони евра за формирање на европските граничари командувани од седиштето во Варшава. За почеток, на располагање се 1.500 полицајци, а нивниот број и опрема рапидно ќе се зголемуваат, со буџет од 350 милиони евра во 2020-та. Челниците на Унијата увидоа дека е речиси невозможно да се оствари планот еден прифатен Сириец за еден вратен мигрант и откако само 6.000 од 66.000 од Грција заминаа назад во Турција. Иако задоцнето, се менува и широкоградата политика на Берлин.

„Ќе сториме се да се спречи повторувањето на состојбата од минатото лето. Бегалците пристигнаа во Европа на сите можни начини, незаконски, со криумчари на луѓе. Неброени мигранти се удавија во Медитеранот, или во Егејот. Затоа договорот меѓу ЕУ и Турција е клуч на битката против незаконската имиграција. Со него треба да се враќаат од Европа назад сите илегалци од Егејот, а ќе се прифатат оние кои законски се третираат како бегалци. Не само спрема Турција и Сирија, овие механизми треба да се воспостават и кон другите земји како што се Египет, Тунис и други“, вели германската канцеларка, Ангела Меркел.

Околу 5 милиони бегалци во Египет веќе чекаат на пат кон богатата, но неединствена Европа. Во субсахарска Африка бројот е уште поголем, 20 милиони. Брисел нема решение за земјите од Вишеградската група кои се против распределувањето на квотите на бегалците, а кои се поддржани и од Австрија. Во овие околности, Брисел на состанокот на Унијата во март го операционализираше посилниот аргумент во создавање на европските граничари. По затворањето на Западноблаканската рута, Бугарија е следната слаба алка особено во делот кон Србија.

„Ќе ги браниме нашите граници со новата европска гранична и крајбрежна стража, што сега е во сила, само 9 месеци по предлогот на Комисијата. Фронтекс веќе има 600 агенти на терен на границите со Грција и со Турција и 100 во Бугарија. Европските институции и земјите-членки работат на формирањето на Агенцијата. До крајот на октомври, најмалку 200 граничари со 50 возила треба да се распоредат на бугарските надворешни граници“, рече Жан-Клод Јункер, претседател на Европската комисија.

Во Македонија, како и во другите соседни земји на Унијата, треба да биде назначен офицер за врска на европската гранична стража. Покрај оценките за состојбата на теренот, од оваа позиција до Брисел ќе се информира и за реализацијата на враќањето на бегалците и мигрантите, за што досега земјава беше принудена да ја менува регулативата. Предвидени се и заеднички операции за справување со илегалната миграција.

 

Зоран Богатинов