За лицата со средно образование најмногу работни места на пазарот на труд

05.10.2016 16:26

Странските инвеститори најмногу отвораат работни места за луѓе со средно образование, кои се најмногубројни во евиденцијата на Агенцијата за вработување, но најчесто и ги немаат потребните квалификации и вештини. За подобро да се одговори на потребите на пазарот на трудот, се сугерира подобра соработка меѓу коморите, институциите и синдикатот...

Странските инвеститори најмногу отвараат работни места за лица со завршено средно образование, кои се и најбројни во евиденцијата на невработени во Агенцијата за вработување. Но, најчесто тие немаат квалификации и вештини што ги бараат компаниите. Експертите препорачуваат подобра соработка на коморите, министерствата и образовните институции.

„Едно од можните решенија кои што денеска ги дискутираме е наше размислување за воведување таканаречени универзални училишта, каде што ќе може за краток период од 3 до 6 месеци, најмногу до 1 година да се направи преквалификација на луѓето, на оние што се невработени. Дотолку повеќе што повеќе од 60-тина проценти од невработените во РМ чекаат на вработување во период подолг од 5 години“, вели д-р Предраг Трпески, универзитетски професор.

Истражувањата покажуваат дека невработеноста во земјава не соодветствува со движењето на бруто- домашниот производ, односно стапката на економски раст, како што кажуваат економските законитости, вели Трпески. Стапката на невработеност кај завршените со четири годишно средно образование е за четири пати поголема во однос на лицата со завршено три годишно средно образование. Странските инвеститори бараат високо образуван кадар од техничките науки, а кај нас само 15% од студентите ги изучуваат овие науки.

„Во РМ се случуваше еден тренд каде што во перманентен пораст е запишувањето, пред се запишувањето на државните високо образовни институции. За разлика од пред 10-15 години сега тоа е дуплирано. Бројот е дуплиран. Во исто време се намалува бројот на средношколци и едноставно во средните училишта недоволно внимание се посветува на создавање профил на лица кои што би биле во функција на потенцијалните работодавачи“, вели професорот Трпески.

Експертите поддржани од фондацијата „Фридрих Еберт“ препорачуваат зголемување на ивестициите во човечки капитал на сите нивоа, како и користење на германскиот модел на директна соработка на компаниите со образовните институции, координирана со ресорните министерства и коморите.

 

Свето Николовски