Кој е Антонио Гутерес?
Антонио Гутерес ќе го наследи генералниот секретар на ООН Бан Ки-Мун во почетокот на идната година. Поранешниот португалски премиер беше фаворит на гласањето иако многумина се надеваа дека челната позиција овој пат ќе и припадне на жена или на кандидат од Источна Европа.

Поранешниот премиер на Португалија Антонио Гутерес е новиот генерален секретар на Обединетите Нации. Договорот е постигнат на неформалното гласање зад затворена врата, а одлуката ја соопшти рускиот претставник во Организацијата, Виталиј Чуркин.
Гутерес доби поддршка од 13 членки на Советот, а две земји беа воздржани.
Премиерскиот мандат на Гутерес траеше од 1995 до 2002 година, а во претходните пет гласања за нов генерален секретар на ООН беше на прво место. 67-годишниот дипломиран инженер беше десет години челник на организацијата за бегалци на ОН. Се залагаше за суштинска структурна реформа на УНХЦР, го намали персоналот во Женева за над 20% и ги зголеми ефикасноста на агенцијата и капацитетот за брз одговор. Сега најавува промени и за новата функција. Политичката кариера вклучува и хуманитарни ангажмани во решавањето на некои од најголемите кризи, вклучувајќи ги конфликтите во Сирија, Ирак, Јужен Судан и Јемен.
Во 2000-та беше претседател на Европскиот совет, период кога беше усвоена Лисабонската агенда, а беше претседавач и на првиот самит со ЕУ и Африка.
Гутерес е деветтиот генерален секретар на Организацијата на Обединетите Нации основана во 1946 година.
