Во Свети Николе се гради фабрика за печурки
Во близина на Свети Николе почна изградбата на нова фабрика за печурки, во која ќе бидат вработени 450 луѓе...

Во близина на Свети Николе почна изградбата на нова фабрика за печурки, во која ќе бидат вработени 450 луѓе. Целосната изградба на комплексот ќе биде комплетирана за 4 до 5 години, но првата фаза на производство почнува уште овој септември.
Инвестиција вредна 25 милиони евра која ќе отвори 450 работни места. Холандскиот инвеститор ИД Балкан ја почна изградбата на новата фабрика за печурки во Свети Николе. Целосната изградба на објектот ќе финишира за пет години.
“Премиере, кога се сретнавме пред три години во вашата канцеларија, јас ви дадов едно ветување. Со оваа фабрика го исполнувам ветувањето. Ова е 100 проценти приватна инвестиција и се надеваме дека ќе биде од големо значење за луѓето од Свети Николе”, изјави Теодорос ван Кампен, инвеститор
Иако изградбата ќе се одвива во наредните пет години, во септември годинава ќе биде финализирана првата фаза од инвестицијата вредна 3,5 милиони евра.
“Новата инвестиција во Свети Николе значително ќе го раздвижи Овче Поле. Првата фаза ќе биде комплетирана во септември, кога ќе се отворат и првите работни места, по што ќе се продолжи со реализација на другите две фаза, со што вкупниот број на вработени ќе достигне 450 луѓе”, stand up: Мартин Пушевски
90 насто од произведените шампињони ќе одат извоз, а инвеститорот веќе испратил неколку работници на обуки во Холандија. Од Општината велат дека се фокусирани на привлекување нови инвеститори.
“Оваа инвестиција според големината и бројот на вработувања се најде во нашата програма и комплетно ја ослободивме од комунални давачки. Со ова сакаме да испратиме силен сигнал дека зоната во Овче Поле е подготвена за привлекување странски инвеститори”, изјави Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе
Целиот регион наскоро ќе стане уште поатрактивен за привлекување странски инвеститори.
“За дваесетина дена почнуваме со изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Изградбата ќе биде од големо значење за бизнисот, за домашните и странските инвеститори, при носењето на одлуките за инвестирање. Овој автопат на Свети Николе ќе му овозможи поврзаност со Скопје и аеродромот Александар Велики и одлична позиционираност да биде домаќин на други странски компании”, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија
Груевски е охрабрен од снажниот раст на индустриското производство. Очекува ваквиот тренд да продолжи и годинава, со што ќе се отворат нови работни места.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Пеце Николовски
