Продолжува судењето за случајот „Диво насеље“

06.10.2016 15:07

Судењето за случајот „Диво насеље“ во Кривичниот суд беше прекинато откако еден од обвинетите се пожали на повреда, наводно поради малтретирање и тепање, по што била повикана екипа на итна медицинска помош. Уште 14 обвинети побарале лекарски преглед, но дел од нив подоцна се предомислиле. Судењето ќе продолжи со изведување пишани материјални докази на обвинителството, а подоцна и со сослушување сведоци на одбраната...

Полицијата го тепала, се пожали на повреди, па судијката повика итна медицинска помош. Додека лекарите го прегледуваа Енвер Хоџа Клајн, обвинет за тероризам во случајот „Диво насеље“ уште 14 членови на кумановска група побараа лекарски преглед. Тврдеа дека полицијата освен физички и психички ги малтретирала. Судијката рече дека сите што симулираат повреди ќе бидат казнети. Кога стигнаа лекарите, тројца се предомислија и изјавија дека не им треба преглед. За останатите, лекарите утврдиле дека можат да го следат судењето.

На 4-ти месецов затворскиот лекар утврдил дека обвинетиот Клајн е тепан и за ова судот ќе побара од полицијата да го истражи случајот. Адвокатите бараат одговорност од тимот за спровод, во спротивно велат, ќе го бојкотираат судењето.

Судењето продолжува со изведување на пишани материјални докази на обвинителството, по што ќе бидат повикани и сослушани сведоците на одбраната.

За тероризам во Куманово обвинети се 37 луѓе кои на главната расправа трвдеа дека не се виновни. Во пукотниците на 9 и 10 мај минатата година, животот го загубија 8 припадници на полицијата, а повеќе од 40 беа повредени.

 

Анита Димитријевска