Хан во Скопје идниот петок

06.10.2016 15:36

Европската Комисија потврди дека еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан доаѓа во Македонија во петок, 14-ти октомври. Се очекува еврокомесарот да има средби со сите релевантни политички фактори во земјава и да се информира за актуелните состојби...

Комесарот Јоханес Хан пристигнува во Скопје следниот петок на 14-ти октомври, потврди за МТВ неговиот портпарол Маја Коцијанчич. Тој ќе оствари средба со претставниците на четирите најголеми политички партии, специјалниот обвинител и претставниците на граѓанското општество.

Целта е да разговараат за развојот на последните случувања, особено за организација на изборите во декември, а во насока на тоа што веќе е договорено, како и за спроведување на приоритетните и итните реформи“, изјави Коцијанчич.

Целиот сет на овие теми ќе се најдат во годинешниот извештај на Европската Комисија за напредокот на нашата држава.

Како и секогаш последниот развој на настаните ќе биде разгледан во детали. Не можам да ви ја кажам содржината на извештајот. Тој сѐ уште се подготвува“, нагласува Коцијанчич.

Портпаролката на ЕК не можеше да ја потврди датата на објавувањето, освен дека ќе биде на почетокот на следниот месец.

Според дипломатски извори, поради актуелната политичка состојба, Република Македонија и во овогодинешниот извештај ќе се соочи со истата формулација- условена препорака за одпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ