Да се зголемат средствата за превенција од ХИВ/СИДА

06.10.2016 15:59

Невладините организации ангажирани околу превенција и рано откривање на ХИВ/СИДА, протестираа пред Собранието. Бараат во Националната програма за ХИВ за 2017-та година да се предвидат најмалку 65 милиони денари. Велат дека само со 27 милиони, колку што се предвидени во буџетот за наредната година, само ќе се зголеми бројката на новозаболени лица...

Граѓанските организации на протест пред Собранието ги повикаа на одговорност пратениците, откако како што велат тие, владата решила да го намали буџетот од 65 милиони денари на 27, наменети за лекување и превенција на ХИВ. Тврдат дека на овој начин ќе се зголеми бројот на новозаразени и починати.

Годинава по 13- годишно финансирање во Македонија, глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија се повлече, со што овие групи луѓе останаа само на државниот буџет.

„Доколку се одржи сегашното ниво на финасирање на националната програма за ХИВ до 2030 година ќе се спречат повеќе од 860 новоинфицирани и повеќе од 290 смртни случаи поради задоцнето откривање на ХИВ. Ако ова не се докази тогаш не знам за кое друго прашање ние во државата имаме посилни докази“, изјави Андреј Сених, здужение „Заедно посилни“.

За овој проблем велат, испратиле писмо до пратениците, но се уште немаат одговор.

„Доколку не се поддржи националната програма со соодветен буџет Македонија во следниот период ќе се соочи со ХИВ епидемија. Она што се случува моментално во Црна Гора и во Србија, затоа што државата не ги презеде интервенциите за превенција и третман“, Никола Јанкуловски, организација ХОПС.

Парите за лекување на ХИВ се зголемени за наредната година- смируваат од Министерството за здравство. Тврдат дека Клиниката за инфективни болести ја набавила терапијата, а се очекува таа да пристигне до крајот на годинава. Додаваат и дека се реализираат две програми. Едната за заштита на населението од ХИВ и СИДА, за што се предвидени 27 милиони денари. А другата, за програмата за заштита на лицата од зависностите за која се одвоени 25 милиони денари, соопштуваат од ресорното министерство.

 

Андријана Атанасовска