Кога ќе се распушти Собранието?
Комбинаторики за денот на распуштање на Парламентот и распишување на избори. Ќе ги одложи ли буџетот и измените во законите за СЈО, распуштањето на Собранието на 12-ти октомври. Опции за рокови до 26-ти октомври кои нема да го поместат датумот за избори...

Не се мали, туку целосно се анулирани шансите македонското Собрание да се распушти на 12-ти октомври, односно кога започнува 60 дневниот рок пред предвремените избори превидени за 11-ти декември.
До понеделник трае комисиската расправа за буџетот на државата, за потоа да следува пет дневна расправа на пленарна седница, по што ќе се гласа за распределбата на државните пари. Законскиот рок за распуштање на Собранието е најмногу 60, а најмалку 45 денови пред избори.
Од ова произлегува дека Собранието ако не порано, најдоцна до 26-ти октомври треба да се распушти. Иницијативата за распуштање ја понесуваат пратениците до претседателот на Собранието. Буџетот се наметнува како приоритет за изгласување во законодавниот дом со цел функционирање на државата.
Сепак, пред пратениците треба да се најде и предлогот за измените на двата закони кои го засегаат работењето на СЈО. Бидејќи пратеникот Павле Трајанов овие измени ги поднесе во редовна постапка процедурата за нив подразбира дека претседателот Вељаноски во следниве денови на нова пленарна седница треба да ги стави на дневен ред, па потоа по нив да расправаат комисиите.
Сепак, имајќи го предвид ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека немаат намера да подржат какви било измени за СЈО и имајќи предвид дека ДПА се лути бидејќи не биле консултирани, а ДУИ е во варијантата топло- ладно, можно е и сценариото воопшто да не се расправа за измените кои го тангираат СЈО.
Според деловникот како една од опциите, пратеник може да предложи точките да бидат тргнати од дневен ред, а со гласање неговиот предлог да биде прифатен или одбиен.
Миле Ристески
