Акција на МИТ: Неправилно работење или политички реваншизам?!

06.10.2016 16:34

Неправилно работење или политички реваншизам?! Што се крие зад полициската акција во приватниот универзитет МИТ. Од Скопското обвинителство соопштија дека продолжуваат со преземање дејствијата за расветлување на предметот, каде постојат основи на сомневање дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал...

На МИТ Универзитетот биле запишувани студенти повеќето од Република Турција на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија, иако оваа високообразовна интитуција не поседувала ниту дозвола ниту акредитација, соопштуваат од Јавното обвинителство. Првичните сознанија велат дека за овие студентите се водела паралелна евиденција- една за коресподенција со студентите и друга за отчет пред државните институции.

Според директорката на МИТ, Биљана Апостолова, сите студенти биле уредно заведени во книгата доставена до Министерството. Зад сето ова, изјави таа, се крие политички реваншизам од дополнителниот заменик министер Оливер Андонов кој, до скоро, бил професор на МИТ и сам си дал оставка. Професорот Тони Науновски добил отказ поради тоа што три дена не се јавил на работа. Освен тоа, иако член на Комисијата за заштита од дискриминација, си дозволувал да малтретира колешки и студентки, обвинува Апостолова.

Од Обвинителството велат дека до Државниот инспекторат биле поднесени 20 претставки од студенти од Турција.

Во претресите на Универзитетот и во приватни објекти на споственичката и лица вработени во него, се одземени компјутери, телефони и друга документација.

И натаму се утврдува дали со злоупотреба на службена положба со измама е вршен финансиски криминал. Универзитетот продолжи со работа.

 

Фиљана Кока