Студентите не сакаат СПУКМ да остане невладина организација
Студентите не сакаат Студентскиот парламент да остане невладина организација- ова е резултатот од референдумот, велат од Студентскиот пленум. Повторија дека сега на потег е Сенатот на УКИМ, зашто целта на овој референдум била да се опипа пулсот на студентите...

Студентскиот пленум е задоволен од исходот на вчерашниот референдум. Висок процент од оние што излегле на гласање. Иако е неформален и необврзувачки референдум, мнозинството одговориле дека не сакаат Студентскиот парламент да остане невладина организација.
„На прашањето дали СПУКМ да остане невладина организација, 2.615 студенти одговорија со „не“, 137 студенти одговорија со „да“, а 15 ливчиња се неважечки“, велат од Студентскиот пленум.
Вчерашното гласање, велат од Студентскиот пленум, покажало час по демократија. Истакнаа дека задачата на овој потег била да се опипа пулсот на студентите, за Сенатот во идните одлуки да биде запознаен со нивниот став.
„Сега чекаме одлука на Сенатот. Беше формирана Комисија во која учествуваа Студентски пленум и Студентскиот парламент, но одлука не беше донесена. Беа изгласани два предлози за студентско организирање, за кои сенатот допрва треба да одлучи. Нема друг излез, освен да се донесе вистинското решение кое се однесува на целосна реформа на студентското организирање во УКИМ.“
Ова беше прв студентски референдум. На факултетите при УКИМ имаше избирачко место, а беше формирана и изборна комисија, составена од студенти која броеше минимум два члена.
Катерина Топалова
