Ураган „Метју“: Вонредна состојба во Флорида и во Јужна Каролина

07.10.2016 10:12

Американскиот претседател Обама прогласи вонредна состојба на Флорида и во Јужна Каролина поради ураганот „Метју“ кој ги опустоши Карибите. Бројот на жртвите во најсилниот ураган во последнава деценија постојано се зголемува. Само на Хаити загинале речиси 400 луѓе...

По пустошот што го остави зад себе и над 300 жртви на Карибите, супербурата „Метју“ треба секој час да удри на бреговите на Флорида и Јужна Каролина со брзина од 220 км/ч. Белата куќа прогласи вонредна состојба, се преселуваат стотици илјади семејства.

Гувернерот на Флорида ги предупреди граѓаните на источниот брег од полуостровот веднаш да заминат.

„Дали сте подготвени да си го ризикувате животот? Сакате да се коцкате? Ако не сакате да се евакуирате, вие го правите токму тоа. Не заборавајте дека веќе загинаа многу луѓе. Вие може да бидете жртви ако не го сфатите ова сериозно“, изјави Рик Скот, гувернер на Флорида.

Само на Хаити загинале 339 лица. Четворица настрадаа во Доминиканска Република, а на Куба и на Бахамите засега е предизвикана само материјална штета. Од Пентагон соопштија дека воени хеликоптери и спасувачки тимови се упатуваат кон Хаити.

„Уништени се родилиштата, па најважно е да се згрижат бремените жени, мајките и децата. Сега се во шатори, во групи, па мора да ги заштитиме и од напади“, изјави Мариел Линдстром, претставник на ООН на Хаити.

Ураганот од 4. категорија веќе збриша се што му се најде на патот долг 3 илјади километри. Според метеоролозите, „Метју“ веројатно два пати ќе ја погоди Флорида.