ММФ и СБ: Светот соочен со слаб економски раст

07.10.2016 10:28

Пред Есенската сесија на Светска Банка и ММФ, првите луѓе на овие институции во Вашингтон посочија- светот сѐ уште се соочува со низок економски раст, рецесија. За нивно надминување, треба повеќе да се работи на зголемување на побарувачката, трговската размена, вложување во вештините на луѓето и во превенција на светските економски потреси...

Државите се борат со слабата економија погодени од ниските цени на стоките и од заостанувањето на глобалната трговија.

„Економскиот раст е предолго низок и постои во само малку земји. Државите треба да преземат чекори за враќање на побарувачката што ќе го зголеми економскиот раст“, оцени директорката на Меѓународниот Меѓународен Фонд, Кристин Лагард на прес конференцијата на есенскиот состанок на ММФ и Светска банка во Вашингтон.

Таа објави дека земјите членки донирале 344 милијарди долари, со што фондот сега располага со еден трилион за позајмување на земјите во криза до 2019-та.

„Имаме најголем број на држави во развој кои се наоѓаат во рецесија од 2009-та и работиме со нив да ги надминат предизвиците. Многу ризици, последици од климатските промени, присилно преселување и пандемии, се закануваат на нашата цел за истребување на екстремната сиромаштија до 2030-та. Мораме да се фокусираме на економскиот раст и намалување на нееднаквоста“, изјави претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким.

Првите луѓе на ММФ и Светска банка советуваат државите членки да преземат три чекори: забрзување на одржливиот економски раст, вложување во човечкиот капитал преку образованието и  изградба на поголема издржливост на глобалните шокови и закани.

„Екстремното време ја нагласи итноста за справување со климатските промени“, изјави претседателот на Светска банка додавајќи дека испратиле тим за проценка на штетите на Хаити погоден од ураганот Метју.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ