Зголемен бројот на патници на аеродромите

07.10.2016 12:09

Вкупниот број патници достигнал 1.382.714, а зголемување од 11 проценти има и кај вкупниот број полетувања и слетувања, односно во првите девет месеци се реализирани вкупно 13.009 летови.

За 17 проценти е зголемен бројот на патници кои се превезени преку двата македонски аеродроми во првите девет месеци од годинава споредено со истиот период минатата година, соопшти „ТАВ Македонија“.

Вкупниот број патници достигнал 1.382.714, а зголемување од 11 проценти има и кај вкупниот број полетувања и слетувања, односно во првите девет месеци се реализирани вкупно 13.009 летови.

Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром бил Истанбул по што следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон, додека најголем број патници патувале со нискобуџетната „Визер“. Од „ТАВ Македонија“ најавуваат нови авиолинии и посета на тур-оператори.

Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром- Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017-та година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори, велат од компанијата.

Во првите девет месеци од годинава има пораст од 16,6 проценти и на карго сообраќајот на скопскиот аеродром, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании.