Ураганот „Метју“ пустоши низ САД, бројот на жртви се зголемува
Тревога на југоистокот на САД. Супер бурата „Метју“ со орканска брзина од 220 километри на час наскоро ќе удри во крајбрежјата на Флорида и Јужна Каролина. Во тек е масовна евакуација на населението. Најкритично е во Флорида, метеоролозите претпотставуваат дека „Метју“, ќе направи круг и ќе удри уште еднаш во брегот на оваа држава...

Бројот на жртви од последиците од ураганот „Метју“ постојано расте и до сега се регистрирани 339 загинати на Хаити. Ројтерс пренесува дека е невозможно да се прецизира точниот број, бидејќи од час во час пристигнуваат нови информации од службите за вонредни состојби. Четворица настрадаа во Доминиканска Република, а на Куба и на Бахамите засега е предизвикана само материјална штета. Од Пентагон соопштија дека воени хеликоптери и спасувачки тимови се упатуваат кон Хаити.
„Уништени се родилиштата, па најважно е да се згрижат бремените жени, мајките и децата. Сега се во шатори, во групи, па мора да ги заштитиме и од напади“, изјави Мариел Линдстром, претставник на ООН на Хаити.
Во крајбрежните делови на Лос Анџелес се загинати повеќе десетици луѓе. Агенцијата „Асошиетед прес“ наведува дека „Метју“ пристигнал на Флорида со ветришта со сила од 130 километри на час поради што е прогласен полициски час кој ќе биде во сила се до сабота. Гувернерот ги предупреди граѓаните на источниот брег од полуостровот веднаш да спроведат итна евакуација, а оние што не се во можност да го сторат тоа, да не ги напуштаат своите домови до сабота.
„Дали сте подготвени да си го ризикувате животот? Сакате да се коцкате? Ако не сакате да се евакуирате, вие го правите токму тоа. Не заборавајте дека веќе загинаа многу луѓе. Вие може да бидете жртви ако не го сфатите ова сериозно“, изјави Рик Скот, гувернер на Флорида.
Ураганот од 4-та категорија веќе збриша сѐ што му се најде на патот долг 3 илјади километри. Иако е рано да се предвиди каде би можел да нанесе најмногу штета, Националниот центар за урагани предупредува дека би можел да го погоди брегот на Атлантикот, од југот на Флорида, преку Џорџија, до Јужна Каролина, каде што е наредена евакуација на најмалку два милиона луѓе.
Марина Автовска
