Ураган „Метју“: Постојано расте бројот на жртви

07.10.2016 15:46

Ураганот „Метју“ се претвори во вистинска катастрофа. Речиси 500 луѓе досега загинаа на Хаити, а бројот на жртвите се зголемува од час во час. Уништени се илјадници домови, помош им е потребна на повеќе од 350 илјади луѓе. Десетици загинати и во Лос Анџелес. Белата куќа прогласи вонредна состојба во Јужна Каролина, Џорџија и на Флорида.

Бројот на жртви од последиците од ураганот „Метју“ постојано расте. Најновиот биланс изнесува 478 загинати откако пристигнаа податоците за жртви од оддалечените области на Хаити. Агенцијата за цивилна заштита на Хаити соопшти дека има и голем број повредени, додека 61.000 се во засолништа. „Ројтерс“ пренесува дека е невозможно да се прецизира точниот број, бидејќи од час во час пристигнуваат нови информации од службите за вонредни состојби. Четворица настрадаа во Доминиканска Република, а на Куба и на Бахамите засега е предизвикана само материјална штета.

Ова не е првпат. Имаше уште еден ураган претходно кој ми ја урна куќата, а сега има нова катастрофа“, вели жител на Куба.

Од Пентагон соопштија дека воени хеликоптери и спасувачки тимови се упатуваат кон Хаити.

Уништени се родилиштата, па најважно е да се згрижат бремените жени, мајките и децата. Сега се во шатори, во групи, па мора да ги заштитиме и од напади“, изјави Мариел Линдстромпретставник на ООН на Хаити.

Во крајбрежните делови на Лос Анџелес се загинати повеќе десетици луѓе. Агенцијата „Асошиетед прес“наведува дека „Метју“ пристигнал на Флорида со ветришта со сила од 130 километри на час поради што е прогласен полициски час кој ќе биде во сила се до сабота.

Гувернерот ги предупреди граѓаните на источниот брег од полуостровот веднаш да се засолнат на безбедни локации, а оние што не се во можност да го сторат тоа, да не ги напуштаат своите домови до сабота.

Ураганот од 4-та категорија веќе збриша сѐ што му се најде на патот долг 3.000 километри. Иако е рано да се предвиди каде би можел да нанесе најмногу штета, Националниот центар за урагани предупредува дека би можел да го погоди брегот на Атлантикот, од југот на Флорида, преку Џорџија, до Јужна Каролина, каде што е наредена евакуација на најмалку два милиона луѓе.

А додека американските власти ги евакуираат граѓаните, некои луѓе во потрага по возбуда се најдоа во срцето на ураганот. На Твитер профилот на таканаречените „Ловци на урагани“ е објавена снимка од пилотската кабина во моментите додека бил во самиот центар на бурата „Метју“.

 

Марина Автовска