Синдикатот најавува штрајк во одбраната и армијата
Синдикатот на одбраната и безбедноста и Независнот синдикат на професионални војници најавија штрајк. Велат дека не им се исполнети барањата за зголемување на платата и на надоместоците. Од Министерството за одбрана велат- нема никаков застој во исплатата, барањето за платата веќе се разгледува...

Синдикатот на вработените во одбраната и во Армијата најавува штрајк. Велат- незадоволни се поради неисполнетите барања за зголемување на платите и навремена исплата на надоместоците за дополнителен ангажман и за организиран превоз. Прстот го вперија кон министерот за одбрана.
„Нерешавањето на овие проблеми го доведоа во прашање функционирањето на Министерството за одбрана и АРМ, а со тоа се доведува и во прашање навременото извршување на нашата мисија, односно обезбедување на безбедна и стабилна Република Македонија“- вели Ристо Ајтов, синдикат на безбедност и одбрана.
Се разгледува барањето за зголемување на платите, се исплаќаат обврските кон вработените во одбраната и армијата, реагираат од Министерството.
„Нема буквално никаков застој на исплата на обврските кон персоналот- исплатени се закупнините, надоместокот за превоз, надоместокот за трупна служба, надоместокот за одвоен живот. Со претставниците на синдикатите неколкупати разговаравме и за барањето за покачување на платите и како што известивме истото е во фаза на разгледување. Кон буџетот на одбраната се однесуваме максимално домаќински и нема ниту еден денар кој е потрошен непродуктивно. Напротив успеавме во намерата да ги зголемиме надоместоците за трупна служба за припадниците на АРМ на јужната граница за цели 30%“, велат од Министерството за одбрана.
Од одбраната велат- за 25 линии има договор со превозници, за останатите исход од тендерот наредната недела. И додека синдикалците тврдат дека подолго неуспеале во обидите преку социјален дијалог со институциите да најдат решение, од Министерството им порачуваат во директна и отворена дискусија, без задни намери, без политички пресметани потези, заедно да ги решаваат сите отворени прашања.
Сузана Фиданска- Стоевска
