Тешки обвиненија на втората дебата Клинтон-Трамп

10.10.2016 11:32

Тешки обвиненија на втората дебата Клинтон- Трамп точно еден месец пред претседателските избори во Америка. Соочувањето се одржа на универзитетот Вашингтон во Сент Луис. На почетокот не се ракуваа, но на крајот претседателските кандидати сепак си подадоа рака...

Скандалот со имејловите и најновите објавени на „Викиликс“ кои покажуваат дека демократскиот  кандидат Хилари Клинтон има едни ставови пред јавноста, а други приватно, беа едни од прашањата што американските гласачи ги поставија во втората претседателска дебата. Републиканскиот кандидат Доналд Трамп најави дека ако биде избран за претседател ќе назначи специјален обвинител за уништените 33 илјади имејлови на Хилари Клинтон. 

Многу е добро што некој со темперамент како Доналд Трамп не е надлежен за законот во земјава“, изјави Хилари Клинтон.

„Затоа што ќе бидеш во затвор!“, возврати Доналд Трамп.

Трамп се извини за изјавите за жените што беа објавени во последниве неколку денови, но исто така потсети на аферите на поранешниот претседател Бил Клинтон.

„Можете да замислите луѓе кои работат со ИДИЛ и гледаат што се случува во нашава земја. Да, засрамен сум за изјавите, мразам што реков, но е разговор од соблекувална. Јас ќе го уништам ИДИЛ. Тој се појави во вакуумот што се создаде пред неколку години поради лоша проценка“, рече Трамп.

Трамп поентираше за „Обама кер“ што според него треба да се укине, додека Клинтон истакна дека сака да го поправи. Републиканскиот кандидат ја обвини Клинтон и администрацијата на Обама дека ги објавува плановите за борба против ИДИЛ и затоа не успева да ги уништи нејзините лидери. Трамп истакна дека тој ќе ги намали даноците, а дека Клинтон ќе ги зголеми. Клинтон се заложи за чисти извори на енергија и дека треба да се затворат рудниците за јаглен. И двајцата кандидати изјавија дека сакаат да бидат претседател за сите Американци.

Доналд Трамп има 70 години, а Хилари Клинтон 69. Тие се едни од најстарите претседателски кандидати во американската историја.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ