Иванов- Фишер: ЕУ мора да ја надмине кризата

10.10.2016 11:45

Фишер изразил задоволство од начинот на кој Македонија успешно се справува со мигрантската и бегалската криза. Иванов и Фишер се согласиле дека е неопходна засилена безбедносна соработка меѓу сите европски земји.

Претседателот Иванов во Виена оствари средба со поранешниот австриски претседател Фишер. Македонскиот претседател изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Австрија за стратегиските цели на Република Македонија, соопштија од неговиот кабинет.

Фишер изразил задоволство од начинот на кој Македонија успешно се справува со мигрантската и бегалската криза. Иванов и Фишер се согласиле дека е неопходна засилена безбедносна соработка меѓу сите европски земји. Констатирале дека политиката на проширување на Европската унија мора да продолжи и дека интеграцијата на Балканот е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста во регионот.

Осврнувајќи се на состојбите и последните случувања во Европската унија, двајцата соговорници се согласиле дека Унијата стагнира и се соочува со голем број проблеми. Сепак, Иванов и Фишер, како што стои во соопштението, сметаат дека наспроти ваквата состојба, Унијата мора да ја надмине кризата и да продолжи понатаму.

Претседателот Иванов е во работна посета на Австрија, и учествуваше на Конгресот на Паневеропската унија, од кадешто порача дека заморот од проширувањето на Европската унија доведе до ретроградни процеси на Балканот.