Можен нов мигрантски бран: Продолжување на кризната состојба уште шест месеци
Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност дадоа зелено светло за владината предлог-одлука за уште едно 6-месечно продолжување на кризната ситуација на јужната граница. Се бара рокот да биде до 30-ти јуни идната година. Процените на безбедносните служби се дека е можен нов помасовен мигрантски бран од Блискиот Исток...

Поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државава, владата предлага продолжувањето на рокот за справување со кризната состојба да биде до 30-ти јуни 2017-та година. За предлог-одлуката в четврток ќе се расправа на пленарна седница. Целта е, вели министерот за одбрана, да се обезбеди и континуитет во вршењето на активностите на Армијата и на полицијата во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница.
Талат Џафери од ДУИ побара повлекување на предлог-одлуката бидејќи, како што рече, нема потреба од продолжување на кризната ситуација. И натаму постои опасност од нов мигрантски бран, му реплицираше Иван Стоиљковиќ.
Според последните податоци на Министерството за внатрешни работи, низ Македонија лани и годинава транзитирале над 700 илјади бегалци. Со последната одлука, рокот на траење на кризната ситуација на јужната граница е до 31-ви декември годинава. Првпат беше прогласена на 19-ти август лани, по што претседателот Иванов донесе указ за ангажирање на Армијата.
Милчо Велески
