Русија во Тартус ќе развива постојана база

10.10.2016 15:20

Тартус би можел да стане постојана база на руската морнарица. Неодамна, официјална Москва испорача најсовремен ракетен систем што го дигна на нозе Вашингтон кој претходно ги прекина разговорите за Сирија. Руското министерство за одбрана порача-системот е исклучиво за одбрана.

Во пристанишниот сириски град Тартус уште од 1977 година се сместени оддели за одржување и поддршка на руската морнарица. Во моментов тоа е и единствената база за поддршка во Средоземјето, но со неа управуваат цивили. Според планот на Москва, ова наскоро треба да биде постојана база.

Во тек се подготовките на потребните документи. Нивото на борбена готовност е високо. Се надеваме дека документите ќе бидат предадени на ратификација наскоро“, изјави Николај Панков, заменик-министер за одбрана на Русија.

Во период на зголемени тензии во односите со Вашингтон поради петгодишниот конфликт во Сирија, Русија инсталираше ракетен систем С-300 во Тартус, што е првпат да го постави овој тип опрема надвор од својата територија.

Оваа опрема е во спротивност со изјавите на претседателот на Русија дека неговите напори се насочени кон екстремистите. Не знам дека Исламска држава или Ал Каеда поседуваат авиони. Можеби Русија има други разузнавачки податоци, но се сомневам“, изјави Џош Ернест, портпарол на Белата Куќа.

Но, од руското министерство за одбрана негираат.

Потсетувам, се работи за исклучиво одбранбен систем кој не претставува закана за ни една земја“, изјави Игор Коношенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Руското министерство за одбрана ја разгледува можноста за разместување на воените бази и во други земји каде што биле стационирани за време на Советскиот Сојуз. Властите во Москва побараа и повторно отворање на руските бази во Јужна Америка, југоисточна Азија и во Африка.