Во пресрет на 11-ти Октомври, Прилеп посебно горд на улогата што ја има
Во пресрет на 11-ти Октомври и 75 годишнината од Народното востание, Прилеп посебно горд на улогата што ја има. Но, се наметнува прашањето- се следат ли идеалите на нашите борбени предци. И колку своевидната партизанска, но и современа химна „А бре Македонче“ е поттик за тоа. И таа слави 75 години од нејзиното, помалку необично создавање- пак врзано за 11-ти октомври...

75 години потоа Македонија и Прилеп се потсетуваат: Со нападот на тогашната полициска станица- Участакот, денес музеј, почна народното четиригодишно востание. Прилепчани, без исклучок, горди на улогата што ја имаат градот и неговите жители.
Но, колку се следат идеалите на нашите борбени дедовци во ова турболентно време на живеење? Боречката организација, вели, ги следи традициите.
За потсетување и зачувување на идеалите и поттик за современите битки, според историчарите е одговорна и своевидната партизанска и современа химна - „А бре Македонче“.
И таа слави 75 години. Создадена од директните учесници на октомврискиот напад, Коче Чашуле, Ордан Михајлоски Оцка и Крсте Црвенкоски, првпат е изведена на првата слободна македонска,партизанска територија во прилепско Царевиќ, ноември 41-та. Две години потоа, Кочо Рацин ја става во својот Зорник. Ја има во првиот македонски филм „Фросина“, во дует ја снимаат Бадев и Сариевски, ја преработувале Леб и сол, Гаро. Ја пеат навивачите и спортистите. „А бре Македонче“ е инспирација за издржливост, непоколебливост.
Реконструкцијата на револуционерниот 11-ти Октомври 41-ва со импровизиран напад, маклон за борците и нивната саможртва, создавањето на една вечна песна - се само потсетување. Се друго зависи од современите генерации.
Елизабета Митреска
